Продолжи судењето за двојното убиство
Повеќе од еден час мајката на убиена Вања Ѓорчевска сведочеше за кобниот 27 ноември кога нејзината ќерка најпрво била грабната, а потоа и убиена. Дека Вања била киднапирана, таа воопшто не се ни посомневала. Покрај мајката на Вања, пред судот сведочеше и ќерката на велешанецот Панче Жежовски и неговиот зет...

„Вања ја нема, телефонот е недостапен сега доаѓам симни се“, со овие збори Зорица Ѓорчевска го известила Александар Ѓорчевски дека нивната ќерка не дошла на училиште. По неколку минути заеднички почнале да трагаат по неа и пријавиле во полиција – повеќе од еден час мајката на убиена Вања Ѓорчевска сведочеше за кобниот 27 ноември кога нејзината ќерка најпрво била грабната, а потоа и убиена. Дека Вања била киднапирана, таа воопшто не се ни посомневала, но посочи дека сега обвинетиот Александар од првиот момент тврдел дека е киднапирана. Ја барал во Грчец, Сарај, 80 проценти од времето ги прегледувал снимките од околните камери и соработувал со инспекторите. Зорица тврди дека од медиумите дознала дека тој е притворен. За одбраната, сведочењето на Зорица ја потврдува тезата на таткото на Вања дека не е инволвиран во настанот.
Зорица Ѓорчевска лично не го познава Љупчо Палевски-Палчо, но потврди дека станот на улицата „Наум Наумовски Борче“ нејзиниот татко го купил од инвеститорот „Упа Ентерпрајс“, фирма каде првообвинетиот за двојното убиство бил управител. Рече дека не и познато дека нејзиниот татко има недоразбирања со Палевски.
Зорица поседувала неколку станови, наследство од нејзините родители. Еден бил препишан на Александар и се договориле да ги препишат на ќерките, но нотарскиот договор не бил финиширан.
За адвокатот на Палевски, денешните сведочења упатуваат дека неговиот клиент нема поврзаност со кривичните дела кои обвинителството му ги става на товар.
Покрај мајката на Вања, пред судот сведочеше и ќерката на велешанецот Панче Жежовски и неговиот зет. Рекоа дека Жежовски се познавал со Боре Видевски, на кој му дал пари да му го среди дворот, а за таа услуга му исплатил 1.100 евра. Останатиот дел од парите Жежовски требал да му ги даде на Видевски по враќањето од Германија но не му се допаднало како тој ја завршил работата па завршиле на суд.
Наредното рочиште е закажано за 16 октомври со сослушување на нови сведоци.
Во случајот со двојното убиство првообвинет е Љупчо Палевски и уште петмина за соучесништво и грабнување. Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември, а пронајде мртви на 3 декември 2023 година.
Викторија Милевска
