Здравство

Пропусти при лекувањето на 14-месечното дете

14.10.2024 18:34

Лекарски пропусти во случајот со починатото 14-месечно дете на Детската клиника. Во болницата „Козле“ каде што било донесено немало лекари и соодветна апаратура за добивање кислородна поддршка – вели министерот Таравари по извештајот од Комисијата за стручен надзор. Превид и во проценката за потреба од хоспитализации …

Докторите на Детската клиника на 3-ти октомври при вториот преглед направиле превид кога не го хоспитализирале 14-месечното дете кое почина во оваа здравствена установа – покажа извештајот на Стручната комисија. Вториот пропуст е направен на Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“ – не била направена соодветна проценка за здравствената состојба на детето и навреме не било поставено на респираторна машина.

„Комисијата за стручен надзор нотираше превид во проценката за потребата од хоспитализација при вториот преглед на бебето на Клиниката извршен на 03.10, додека во „Козле“ е констатирана неадекватна и ненавремена проценка за тежината на респираторните потешкотии и третманот“, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Членовите на Стручната комисија при надзорот утврдиле дека во клиниката во „Козле“ нема анестезиолог, ниту респиратор. Дополнително, затаил и транспортот на детето од „Козле“ на Детската клиника.

„Ние не видовме некаков тип на респиратор, кој ќе испорачува инвазивна или неинвазивна механичка поддршка. Од друга страна затајува системот за транспорт бидејќи тој не функционира за време на вечерните часови или за 24 часовно дежурство“, изјави Елизабета Петковска од Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство.

„Клиничката болница „Козле“ да се снабди со апаратура за неинвазивна и инвазивна вентилација која е од живото спасувачко значење за децата“, изјави Орхидеја Стомнароска од Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство.

Таравари извештајот од Стручната комисија ќе го испрати до менаџментот на Детската клиника и до Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“. Ќе биде испратен и до Етичката комисија на Лекарската комора. Министерството за здравство ќе следи дали и какви мерки ќе се бидат преземени.

За случајот пак со 31-годишната родилка, која на 27-ми септември почина при породување во кумановската болница, Комисијата не утврдила неправилности, ниту при третманот на бременоста, ниту при породувањето.

 

Андријана Ѓурческа