Човекот што го загуби животот во сообраќајка им го продолжи животот на двајца браќа!
Да се биде човек и во најтешките моменти, да се спаси друг живот кога најблискиот го напушта овој свет е дело за почит. Високата свест на семејството што го изгуби својот син и сопруг во сообраќајка пред неколку дена, спаси двајца млади луѓе. Им беа трансплантирани бубрезите...

Двајца браќа на возраст од 27 и 29 години ќе го продолжат својот живот без дијализа. Пред два дена успешно им беа трансплантирани бубрезите од кадавер, со мозочна смрт, млад 33-годишен човек кој настрада пред неколку дена во сообраќајна несреќа во Скопје. Пресуден момент во најголемата болка да се помогне на други луѓе е високата свест на семејството. Тие дури сакаат и да ги видат момчињата.
„Во разговор со семејството во тие тешки моменти решија бубрезите на сега починатиот да продолжат да живеат во двете момчиња.Тоа е единственото добро,ако воопшто може така да се каже во овој несреќен случај“, вели националниот координатор за трансплантација, проф. д-р Аспазија Софијанова.
Координаторот брзо ги обедини сите, тимот се собра за неколку часа.
„Двајца колеги повикав од годишен одмор, операцијата почна во 15 часот од кадаверот до 24 часот беше завршена. Пациентите се во одлична состојба. Бубрезите уште во текот на операцијата почнаа да работат“, рече прим. д-р Михаил Пенев, директор на Универзитетската клиника за урологија.
„Така се погоди, ткивата на овие двајца браќа да се совпаднат со донорот кадавер и практично листата на пациенти што чекаат за трансплантација ги исфрли како најпогодни“, вели проф. д-р Александар Шиколе, директор на Универзитетската клиника за нефрологија.
250 чекаат да примат бубрег од жив донор или од кадавер од речиси 1.300 пациенти на дијализа. Нивното психо- физичко здравје и состојба дозволува пресадување органи. Другите или не сакаат или не можат да го поминат тој пат.
Ова е трета и најуспешна кадаверична трансплантација годинава. Вкупно 6 пациенти добија бубрези.
Соња Стојановска
