Историски успех на Македонија на Oлимпијадата по информатика
Македонските ученици кои учествуваа на најпрестижниот натпревар од областа на програмирањето, 26-тата Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2014), која се одржува од 13-ти до 20-ти јули во Тајпеј, Тајван, освоија еден сребрен и два бронзени медали.
Учениците Бојан Серафимов, Климент Серафимов, Васил Кузевски и Филип Беџовски, предводени од лидерите Миле Јованов и Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), се дел од тимот кој успеа да постигне историски успех на оваа интернационална информатичка олимпијада.

Од Здружението на информатичарите на Македонија информираат дека постигнатиот резултат претставува најголем успех за нашата земја на сите досега одржани интернационални информатички олимпијади, но и потврда дека нашите ученици со стекнатото знаење од областа на компјутерските науки можат да се носат рамо до рамо со најдобрите ученици ширум целиот свет.
Сребрениот медал е прво вакво одличје што го освојува еден македонски ученик и претставува успех со кој може да се пофалат помал број од земјите – учеснички на ИОИ.
ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите – членки на ИОИ заедницата. Секоја година, повеќе од 250 илјади млади луѓе од речиси 90 држави се натпреваруваат во борба да ја претставуваат својата држава на ИОИ.
На ИОИ 2014 учествуваат вкупно 315 ученици, кои право на учество обезбедија преку националните натпревари во програмирање спроведени во 80 земји од целиот свет. Во ваква силна конкуренција, првиот сребрен медал во историјата за Македонија го освои Бојан Серафимов, а бронзените медали ги освоија Васил Кузевски и Климент Серафимов.
Од Здружението на информатичарите на Македонија се наведува дека ваквите резултати на тројцата матуранти од тимот им го отворија патот да студираат во САД и Обединетото кралство на едни од најпрестижните светски универзитети.
Следната, 27-ма по ред, Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2015), ќе се одржи идната година во Астана, Казахстан.