Жестоки реакции по израелскиот напад на мировниците во Либан
Бурни реакции во меѓународната јавност по израелскиот напад на мировници на Обединетите нации во Либан. Нетанјаху негира дека нападот бил намерен. Борбите во Газа и во Либан продолжуваат...

Не стивнуваат реакциите по обвинувањата од мировниците на ООН во Либан дека израелски тенкови насилно влегле во една од нивните позиции во екот на копнената операција. Италија, Велика Британија, Франција и Германија со заедничка изјава побараа сите страни да ја гарантираат безбедноста на УНИФИЛ во секое време. Советот за безбедност на ООН побара да се почитува меѓународното хуманитарно право.
„Нападите кон мировниците го прекршуваат меѓународното право и тие може да претставуваат воено злосторство. Генералниот секретар ги повика сите страни да се воздржат од какви било дејствија што нашите мировниците ги изложуваат на ризик“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на генералниот секретар на ООН.
Наводите дека Израел намерно ги нападнал мировниците се целосно лажни, тврди премиерот Нетанјаху. Одново побара мировните сили привремено да ја напуштат борбената зона до границата на Израел со Либан.
„На денот кога Израел ја почна својата копнена операција до нашата граница со Либан, ние им рековме конкретно: „Ве молиме оставете ја оваа област за да не бидете повредени“. Хезболах ги користи објектите и позициите на УНИФИЛ како покритие додека ги напаѓа израелските градови и заедници“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Од мисијата на ООН велат дека ќе останат во Либан и покрај повиците од Израел да се поместат поради интензивирањето на борбите.
„Имаше некои намерни напади врз нашите војници, а мировниците беа повредени. Значи, ова не е само кршење на резолуцијата 1701, тоа е исто така сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право, а страните имаат обврска да ги заштитат мировниците и да ја гарантираат безбедноста на нашите луѓе“, изјави Андреа Тененти, портпарол на привремените сили на ООНА во Либан.
Во меѓувреме, израелската војска соопшти дека во јужен Либан откриле подземен комплекс долг 800 метри што служел како команден центар за силите на Хезболах. Напади и на северниот дел од земјата.
„Сега сме во бункерот што го најдовме под либанска куќа во шиитско село на само неколку километри од нашата граница. Светот е подобро место без Хезболах. Светот е подобро место без нивниот лидер Насрала. И сите наши непријатели треба да знаат дека сме решени да обезбедиме сигурност и безбедност на нашите граѓани“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.
Израелската одбрана соопшти дека изминатиот ден погодила 230 цели во Газа и Либан, елиминирани се вооружени лица. Во северниот дел, силите продолжија да дејствуваат во Џабалија. Сирените за ракетен напад активирани над Хаифа и бројни градови на југот на Израел.
Маријана Димовска
