Евроинтеграции

Албанија го отвори првиот кластер

15.10.2024 11:54

Албанија направи исчекор на патот кон ЕУ. Земјата во Луксембург ја одржа втората меѓувладина конференција со ЕУ и го отвори првиот кластер „темели“ од пристапните преговори. Премиерот Рама жали што ова не е случај и со Македонија, претседавачот Унгарија најави поддршка за двете земји да го забрзаат интегративниот пат.

Албанија направи исчекор на евроинтегративниот пат. Земјата во Луксембург ја одржа втората меѓувладина конференција со ЕУ, со што и официјално го отвори првиот кластер „темели“, каде што се вклучени фундаменталните реформи од кои зависи темпото на преговарачкиот процес. Тирана ќе ги води преговорите според новата, ревидирана методологија, а Рама рече дека ќе бидат подготвени за членство до 2030-та година.

„Албанија ги исполни сите услови за да ја почне оваа фаза од преговорите и одлучни и посветени сме да ги исполниме сите идни обврски. Ова ќе го направиме заедно со нашите партнери во текот на преговорите, со јавно поставени цели и макотрпна работа. Ќе ги обновиме напорите за правосудните реформи за да имаме транспарентно, одговорно и независно судство“, истакна албанскиот премиер Еди Рама.

Скопје и Тирана повеќе не чекорат заедно на европскиот пат, бидејќи услов за Македонија да ја одржи втората меѓувладина конференција се уставните измени. Еврокомесарот Вархеји не смета дека се случува раздвојување и уверува дека проширувањето е меѓу трите најважни приоритети на ЕУ.

„Не мислам дека двете земји беа споени, можеби политички, но не правно. Албанија оди по сопствен пат, тоа е процес на заслуги. Истото важи и за Северна Македонија“, изјави Вархеји.

„Навистина сум тажен што нашата братска Северна Македонија не може да влезе во оваа фаза, иако беа првите кои го почнаа процесот. Тие го сменија и името и да, јас останувам на сè што реков за нашите пријатели од Бугарија, зашто историјата не може да биде причина да запре процесот на интеграција“, рече Рама.

Земјата претседавач со ЕУ, Унгарија, предупреди дека овој значаен момент доаѓа во време кога опаѓа кредибилитетот на процесот на проширување.

„Верувам дека Северна Македонија заслужува суштински да ги почне преговорите. Знаеме кои се пречките и како унгарско претседателство и земја која е про-ЕУ, ќе ги поддржуваме двете земји колку што е можно побрзо да одат низ процесот. Ние овој процес го сметаме за еден од најважните процеси на ЕУ и мора да разбереме дека кредибилитетот е изгубен, бидејќи просечното време на чекање на земјите кандидати од Западен Балкан надмина 15 години“, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.

Грција, која ја блокираше Албанија поради случајот „Белери“, го тргна ветото откако градоначалникот излезе од затвор, но најави дека бара почитување на малцинските права.

„Нашата позиција е дека ќе треба првиот сет поглавја, кој се однесува на основните права и владеењето на правото, да ги вклучи и правата на малцинствата, вклучително и грчкото национално малцинство, особено нивните имотни права“, рече шефот на грчката дипломатија, Јоргос Герапетритис.

Скопје и Тирана во јули 2022 година ги одржаа првите меѓувладини конференции. Рама се послужи и со сарказам, кога му се заблагодари на Путин дека со руската агресија врз Украина ги натерал и најскептичните да увидат дека Западен Балкан и е потребен на ЕУ.

 

Миле Ристески