ДЗР: Министерството за култура исплаќало милиони без јасно дефинирани критериуми
Со ревизијата биле констатирани недостатоци во распределбата на средствата за културни проекти, која се врши преку Годишен конкурс согласно Законот за култура...

Неправилности и неусогласености во работењето на Министерството за култура утврдил Државниот завод за ревизија во конечните ревизорски извештаи за работата на ресорното министерство.
Со ревизијата биле констатирани недостатоци во распределбата на средствата за културни проекти, која се врши преку Годишен конкурс согласно Законот за култура. Се исплаќале милиони без јасно дефинирани критериуми. Комисиите бодувале проекти без конкретни насоки и без мерила.
Исто така, повеќе од 686 илјади книги, вредни 6,6 милиони евра, кои се дел од 17-те капитални проекти за печатење книги од 2009-та до 2019-та година несоодветно се чуваат во Министерството за култура. Ниту една институција не сака да ги преземе, информира Државниот завод за ревизија.
По спроведените проверки е констатирано непостоење на план за дистрибуција на книгите и немање интерес од државните институции да преземат поради исполнетост на нивните капацитети, со што постои опасност да се уништат поради лошите услови во кои се чуваат.
