ЕСМ: Во 96 објекти нема услови за испорака на топлинска енергија
Во 57 објекти има дефекти во внатрешната инсталација, во 20 објекти нема пристап до топлинските станици, а во 19 објекти – топлинските станици немаат електрично напојување...

Од денеска почна грејната сезона 2024/2025 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во Скопје, управуван од АД ЕСМ. Минатата грејна сезона во 225 објекти не беа обезбедени потребните услови за испорака на топлинска енергија, сега тој број е двојно помал, односно во 96 објекти сè уште не се обезбедени услови за испорака, информираат од компанијата.
Од нив, во 57 објекти има дефекти во внатрешната инсталација, во 20 објекти нема пристап до топлинските станици, а во 19 објекти – топлинските станици немаат електрично напојување.
Потрошувачите и заедниците на сопственици се замолуваат што побрзо да ги отстранат дефектите на внатрешните грејни инсталации и да обезбедат непречен пристап до топлинските станици, како и континуирано напојување со електрична енергија. Ова вклучува плаќање на сметките за електрична енергија за топлинските станици и одржување на функционална електрична инсталација, се истакнува во соопштението.
Потенцираат дека оваа година, првпат споредбено со претходните години, се бележи најнизок број затворени објекти на почетокот на грејната сезона.
Ова се должи, пред сè, на соработката од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици, како и на заложбата на новите раководства на компаниите основани од АД ЕСМ, особено ЕСМ дистрибуција, што имаше клучна улога во продуктивната и постојана комуникација со корисниците, се додава во соопштението.
Се советува пред да се пријави дефект или рекламација во Центарот за грижа на потрошувачи, да се провери дали објектот е на списокот на моментално затворени објекти, што немаат услови за испорака на топлинска енергија. Листата, како што се посочува, е достапна на esm-snabduvanje.mk.
Од вкупно 62.579 активни потрошувачи приклучени на централното греење преку ЕСМ, 61.486 се домаќинства, а 1.093 се деловни објекти и институции, додека околу 1.980 потрошувачи се снабдуваат преку подружницата ЕСМ-Енергетика.
