Харис и Трамп со вжештена предизборна реторика
Како наближува денот на изборите во САД, растат тензиите меѓу кандидатите. Доналд Трамп и Камала Харис на секој собир ја користат можноста за меѓусебни обвинувања. Од говорницата во Џорџија поранешниот претседател Бил Клинтон повика луѓето да застанат и да ја поддржат Харис...

На неполн месец пред изборите во САД, тензиите растат, обвинувањата меѓу претседателските кандидати Трамп и Харис секој собир го користат да ги потенцираат слабостите на противникот и да ги прикажат грешките што ги направил на штета на американскиот народ.
„Никој во земјата не може да тврди дека сега им е подобро отколку пред четири години“, вели Том Бонано, поддржувач на Трамп.
Во обид да ја спречи паниката во демократските кругови неговата ривалка, Харис, рече дека Трамп е сè понестабилен и бара неконтролирана моќ.
„Доналд Трамп е сè понестабилен и тој бара неконтролирана моќ. Сака да испрати војска по Американските граѓани, тој работеше за да ги спречи жените да донесат свои одлуки за здравствена заштита. Имаме само 22 дена до денот на изборите. Ова ќе биде тесна трка до самиот крај. Ќе победиме“, изјави Камала Харис, потпретседател и претседателски кандидат на демократите.
Од говорницата во Џорџија, една од клучните земји за демократите да ги освојат 16-те изборни гласови во државата, поранешниот претседател Бил Клинтон повика луѓето да застанат и да ја поддржат Харис.
„Камала Харис ќе биди добар претседател и ќе направи огромна разлика“, рече поранешниот американски претседател, Бил Клинтон.
Трамп, пак продолжи со обвинувањата на администрацијата на Бајден. Овојпат за војната во Украина.
„Бројот на загинати во војната во Украина и Русија е многу поголем отколку што некој знае, а Бајден не направи ништо во врска со тоа. Дури, не ни разговарал со Путин за повеќе од една година“, изјави Доналд Трамп, поранешен претседател на САД и претседателски кандидат на републиканците.
Трамп упати и остра критика и за Фокс њуз во серија објави на социјалните мрежи велејќи дека медиумот наклонет кон конзервативците станал слаб и попустлив кон демократите откако беше објавено дека ќе ја интервјуираат потпретседателката Харис.
Бојана Крстевски
