Македонија

Од денеска започна новата грејна сезона

15.10.2024 16:21

Некаде радијаторите топли, некаде студени – и официјално почна новата грејна сезона. Во стотина објекти нема услови за испорака на топлинска енергија...

Некаде топли, некаде студени радијаторите. Почна новата грејна сезона. Дури 96 објекти во Скопје останаа без греење во почетокот на сезоната.

ЕСМ ги повика граѓаните и компаниите да ги подготват своите системи за греење, а оние коишто имаат какви било проблеми, да пријават.

„Во 57 објекти има дефекти во внатрешната инсталација, во 20 нема пристап до топлинските станици, а во 19 топлинските станици немаат електрично напојување. Потрошувачите да ги отстранат дефектите и да обезбедат непречен пристап до топлинските станици“, велат од ЕСМ.

Училиштата во Карпош се без греење. Локалната и централната власт си ја префрлаат одговорноста.

Од вкупно 62.579 корисници на централното греење, најголемиот дел се домаќинства, а 1.000 од нив се компании.

МТВ контактираше со повеќе општини во Скопје, и секаде било се како што треба и немало никаков проблем на првиот ден од грејната сезона. Единствен проблем има само во училишта во Карпош.

Грејната сезона завршува на 15-ти април.

 

Борис Грујоски