Евроинтеграции

Бербок: Додека во ЕУ се одлучува едногласно, Македонија не може да почне преговори без уставни измени

15.10.2024 15:42

Додека во ЕУ се одлучува едногласно, Македонија не може да почне преговори без уставни измени – шефицата на германската дипломатија Бербок по средбата со колегата Муцунски. Скопје чека во Софија да се формира нова влада за да се најде компромис…

Не станува збор за неправда, додека во Европската унија се одлучува едногласно, Македонија не може да почне преговори без уставни измени-ова е пораката која шефицата на германската дипломатија Бербок му ја пренесе на колегата Муцунски.

„Знаеме колку е тешко да се направат уставни измени во демократиите, и тоа го барав и при мојата последна посета на Северна Македонија. Но, тогаш беше во тек изборна кампања и разбрав дека овој чекор не беше можен. Сега, со изборите во Бугарија, имаме шанса која треба заеднички да се искористи“, изјави Бербок.

Македонскиот министер рече дека мора да бидеме внимателни зашто 30 години правиме компромиси и исто толку се соочуваме со неизвесност. Муцунски најави проактивност. Се чека формирање политичка влада во Бугарија за да се стигне до компромис.

Анита Димитријевска-Велковска известува од Берлин