Образование

Реконструкцијата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ тече според предвидената динамика

15.10.2024 16:49

За 18 месеци ќе станат современи, енергетски ефикасни и ќе понудат услови за едукација и престој какви што треба да има и какви што студентите заслужуваат. Вакви се ветувањата за двата студентски дома „Стив“ и „Кузман“ во Скопје. Ветувањата се дека другите седум во Скопје и низ земјава ќе бидат готови за четири години...

По 57 години се реконструира студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“. Од идната академска година студентите ќе се вселат во комплетно реконструирана зграда.

Градежните работи течат според предвидената динамика, а се обновува фасадата, тоалетите, мензата, покривот на кој ќе бидат поставени фотонапонски панели со кои ќе се заштеди струја и до 40 проценти.

Студентите повеќе нема да мрзнат средзима. Наместо на мазут, студентскиот дом ќе биде поврзан на градското парно.

Поради реконструкцијата, студентите останаа без легна, но МОН обезбеди дополнителни сместувања во ученичките домови. Претседателот на студентскиот парламент при УКИМ, сепак побара во вакви услови да се ограничи цената на киријата во студентските градови.

Инвестицијата во обновата на двата студентски домови чини 17 милиони евра парите се обезбедени од германската развојна банка и европската унија.

Студентските домови ќе бидат целосно модернизирани во 2025-тата година, според плановите на МОН реконструкција ќе има и на уште седум студентски домови.

 

Викторија Милевска