Здравство

Лекарската комора го чека извештајот за смртта на 14-месечното бебе, па ќе одлучува за идните чекори

15.10.2024 17:18

Лекарската комора го чека извештајот од здравство за 14-месечното девојче кое почина на Детската клиника. Откако ќе го добие, ќе каже кои ќе бидат идните чекори. Од „Козле“ негираат вина …

Какви мерки ќе бидат преземени и кој ќе сноси одговорност поради пропустите во лекувањето кај 14-месечното бебе кое пред 10-тина дена почина на Детската клиника ќе зависи од заклучокот на Лекарската комора. Извештајот на стручната комисија сè уште не го добиле.

„Во однос на активностите што ќе ги преземеме, засега може да кажеме дека откако ќе го добиеме извештајот од Министерството за здравство, ќе биде разгледан во комората, а што ќе се преземе понатаму зависи од неговата содржина“, велат од Лекарската комора.

Основното јавно обвинителство го чека наодот од обдукцијата, како и извештаите од другите институции, по што ќе се донесе одлука за понатамошна постапка.

Низа пропусти при лекувањето на 14-месечното бебе констатираше стручната комисија од Министерството за здравство. Системски, технички и стручни. Од Клиниката за белодробни заболувања „Козле“ негираат вина.

„Не може одговорноста за смртта на 14-месечното бебе да биде на детската болница „Козле“. Тимот што го примил детето работел според протоколите и детето веднаш е ставено на кислород“, велат од детската болница „Козле“.

Извештајот е стигнат на Детската клиника. Оттаму ќе ги почекаат заклучоците од Лекарската комора, потоа ќе постапуваат.

„Откако ќе ги добиеме заклучоците од етичката комисија на Лекарската комора ние ќе постапиме понатаму. Како клиника, откако го добивме извештајот веднаш преземавме мерки во делот за системските прашања покренати од стручната комисија“, велат од Детската клиника.

Според извештајот на стручната комисија – лекарите на Детската клиника направиле превид кога го пратиле детето на домашно лекување. На клиниката во „Козле“, пак, не била направена соодветна проценка за здравствената состојба и не било навреме поставено на респираторна машина. Било изгубено дополнително време додека се организира транспортот до Детската клиника.

Андријана Ѓурческа