Заштита од африканска свинска чума
Македонија може да остане без свинско месо ако малите свињарски фарми не ги сфатат сериозно препораките за преземање на соодветни мерки против африканската чума, предупредуваат ветеринарите. Заразата не се пренесува од животни на човек, но сточарите трпат големи економски штети …

Сточарите кои одгледуваат свињи треба да преземат безбедносни мерки за да се спречи евентуална појава и ширење на болеста африканска чума, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Ова важи особено за нерегистрираните, мали семејни фарми кои не посветуваат големо внимание на биосигурносните мерки поради што земјава може да остане без свинско месо.
Објектите не се оградени, немаат бариери, заштита од комарници и не се внимава кој влегува и кој излегува од просторијата.
Од појавата на првиот случај на болеста кај нас во 2022-ра, до денес се регистрирани 62 жаришта, а се уништени повеќе од 14.000 свињи.
Болеста не е опасна за човекот, но предизвикува големи економски загуби. Се пренесува и шири преку директен контакт меѓу животните, заразена храна, отпадоци од храна, опрема, возила и облека.
Смртноста кај домашните свињи може да биде и до 100 проценти.
Според експертите, во отсуство на ефикасна вакцина или лекување, најдобрата стратегија за справување со болеста е план на ветеринарните служби за рано откривање и спречување на епидемии.
Методија Трајков
