Градежништвото

Висок степен на квалитет при градба и издржани конструкции

17.07.2014 16:17

Со воведување на европските стандарди ќе се обезбедат нови работни места и можности градежниците да нудат услуги и производи во земјите од ЕУ...

Институтот за стандардизација на Република Македонија е во завршна фаза на усвојување на европските прописи во градежништвото. За да можат еврокодовите да стапат во сила, потребно е да се усвојат национални анекси кои ќе содржат одредени каракеристики за поднебјето, за влијанието на климата врз градбите и за сеизмологијата.

„Крајната цел е со усвојување на овие еврпоски стандарди, со усвојување на нивните национални анкеси да имаме здрави и издржани конструкции затоа што истите европски стандарди се употребуваат и во европските земји“, вели Љупчо Давчев, директор на Институтот за стандардизација.

Со воведување на европските стандарди ќе се обезбедат нови работни места и можности градежниците да нудат услуги и производи во земјите од ЕУ.

„Особено е важно да се воведат европските прописи во нашата земја како од аспект на настапот на нашите градежни претпријатија во странство, така тие се потребни и за сигурноста на објектите во Македонија“, рече Миахаил Гаревски од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.

Сите 58 еврокодови се преведени на македонски јазик. Досега се усвоени само 3 национални анекси, а 55 се во процес на изработка.

Еврокодовите се направени според искуствата и научните истражувања во Европа. Нивната примена ќе обезбеди висок квалитет во проектирањето, градењето и употребата на градежните материјали.

Сунчица Николоска