Култура

Отворено деветтото издание на „Киненова“

16.10.2024 10:29

Гоце Цветановски го отвори фестивалот „Киненова“, Улрих Зајдл со порака: Кога се загрозени слободата на уметноста и слободата на филмската уметност, човек мора да даде отпор...

Во времиња како овие, слободата на уметноста е загрозена. Во времиња како овие, загрозена е и слободата на филмската уметност. Но тоа не е сè. Во времиња како овие, следната генерација режисерки и режисерки понекогаш ја обзема страв. Тие не се плашат дека ќе потфрлат како режисерки и режисери, не, не се работи за таков страв. Туку се плашат дека ќе создадат погрешен филм, имено филм што за некого е правилен филм, а кој според владејачкиот дух на времето и според тие што ни го диктираат духот на времето е погрешен филм, рече во своето обраќање годинешниот лауреат на МФФ Киненова, австрискиот режисер, сценарист и продуцент Улрих Зајдл.

Според него, следната генерација режисерки и режисери не ги обзема само страв, туку кај нив едновремено провејува и самоцензурата. Човек се цензурира себеси, си ги цензурира идеите, приказните и граѓата, станал претпазлив. Има желба да го задоволи духот на времето, се плаши од моќта на општествените медиуми, со кои не сака да се замери. Човек не сака да направи нешто погрешно зашто сака да создаде филм, а сака да постигне и успех со филмот што би го создал.

Зајдл нагласи дека светот нема да се подобри ако филмовите не ги прикажуваат општествените недостатоци, дискриминацијата, злоупотребата на моќта и погрешното однесување од сите видови како отслик на нашата животна стварност, затоа што човек не сака да го има – сето тоа зло. Напротив.

Потребна е храброст, а потребен е и увид за да се раскажува за вистинитото и за човечкото, за овдешното и за денешното, за ужасното и за ужасувачкото, и тоа на сосема сопствен начин, според сопствените замисли, со сопствена слобода, без оглед на тоа кој дух на времето нè пресретнува и сака да ни пропише што човек смее да прави и што сè не смее да прави.

Во времиња како овие, кога се загрозени слободата на уметноста и слободата на филмската уметност, човек мора, а ова е и мој апел до следната генерација режисерки и режисери, да даде отпор. Да се даде отпор против ограничувањата, отпор против прописите, отпор против духот на времето, нагласи Зјдл.

Киненова ги слави и промовира дебитантите, но секогаш ги има на ум и оние од кои учиме, големите филмски раскажувачи, големите мајстори на седмата уметност.

Наредните денови публиката ќе има можнот да ужива богата програма која ќе изобилува со неверојатни, субверзивни и дефинитивно непознати филмски приказни. Покрај шесте филма во главната програма каде ќе има филмови од: Израел, Хрватска, Грција, Иран, Црна Гора и Северна Македонија, за првпат во нашата земја ќе се претстави и финската кинематографија, а ќе може да се проследи и творештвото на лауреатот Улрих Зајдл преку филмовите од неговата филмска трилогија РАЈ или PARADISE.