Нема да има дополнителен час евтина струја, РКЕ повторно ќе одлучува после Нова година
Анализите покажаа дека цените на берзата се евтини во периодот од 12 до 16 часот и може да се воведат дури четири часа евтина попладневна тарифа, наместо два како досега, но проблемот е во тоа што ноќните цени на берзата сега се многу високи...

До крајот на годината нема да има дополнителен попладневен час на евтина тарифа за електричната енергија за домаќинствата, соопшти денес претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
„Анализите покажаа дека цените на берзата се евтини во периодот од 12 до 16 часот и може да се воведат дури четири часа евтина попладневна тарифа, наместо два како досега, но проблемот е во тоа што ноќните цени на берзата сега се многу високи и ќе треба да ја укинеме евтината струја од 22 до полноќ, а луѓето веќе имаат стекнато свои навики и не сакаме да предизвикаме револт“, рече Бислимоски.
Вака ќе остане до крајот на годината, а понатаму повторно ќе се разговара со ЕСМ и со ЕВН, најави првиот човек на РКЕ, Бислимоски.
