БЛИСКИ ИСТОК

Борбите и ракетирањата не престануваат, нов напад на Израел врз Бејрут

16.10.2024 11:51

Кулминира ситуацијата на Блискиот Исток. Во Тел Авив договорен израелскиот одмазднички план за Иран. Техеран предупредува, подготвени сме жестоко да возвратиме. ООН со повик за прекин на огнот. Наспроти продолжените борби и ракетирања, САД со ултиматум до Израел – или ќе го подобрите протокот на хуманитарна помош во Газа или ќе ја изгубите воената поддршка...

Борбите и ракетирањата на Блискиот Исток не престануваат. Во северна Газа, убиен шефот на операциите со дронови на Хамас. Наредена итна евакуација во јужен Либан поради израелски напади. Пријавени експлозии, во Бејрут и Набатије, меѓу жртвите и градоначалник, потврдија либанските власти. Хезболах се закани-Израелците ќе мора да изберат меѓу прекин на огнот или нивно уништување.

„Израелскиот непријател одлучи да го таргетира цел Либан, тоа значи можеме да целиме на било каде точка во Израел. Ќе се фокусираме на нејзината армија, бази и касарни. Затоа му велам на израелскиот домашен фронт, решението е во запирање на огнот. Ние не зборуваме од позиција на слабост“, изјави Наим Касем, заменик-шеф на Хезболах.

Од генералштабот на Израел тврдат дека Хезболах е во неволја и е потребно да се продолжат воените операции за да се изврши поголем притисок врз нив. Во Тел Авив-договорен израелскиот одмазднички план за Иран. Министерот за одбрана потврди дека се фокусирани на одговорот.

„Немаме намера да трпиме кршење на суверенитетот без да реагираме. Одговорот ќе биде прецизен, болен и изненадувачки кон Иран“, предупреди израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант.

Иран со предупредувачка нота, Техеран е подготвен жестоко да возврати доколку Израел нападне. Од ООН го повторија повикот за прекин на огнот.

„Ги повторуваме нашите повици за итен прекин на огнот, истакнувајќи дека ова е единствениот начин да се осигури безбедноста и безбедноста на мировниците, како и да се заштити населението на Либан и Израел од понатамошно страдање“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ОН.

Од агенцијата алармираат и за хуманитарната катастрофа на северот од Газа. САД со ултиматум до Тел Авив-или ќе го подобрат протокот на хуманитарна помош во енклавата, или ќе ја изгубат воената поддршка.

„Израел правел промени и порано. Знаеме дека е можно да се дојде до хуманитарна помош во Газа. Знаеме дека различните логистички и бирократски пречки може да се надминат. Владата на Израел има обврска да ги надмине тие предизвици“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт Департментот.

Загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток, изрази и шефот на европската дипломатија Борел заедно со неговите колеги од Заливските земји кои се состануваат во Брисел.

 

Бојана Крстевски