Семејството на починатата родилката од Куманово со паралелна истрага
Да не се избрзува со заклучоци, бидејќи има индикации дека е направена лекарска грешка, бараат од адвокатската канцеларија којашто ја ангажираше семејството на родилката која почина во Куманово. Тие вршат паралелна истрага. Засега укажуваат од документацијата се гледа дека нема едногласие помеѓу лицата кои стојат зад медицинските извештаи...

Семејството на 31-годишната родилка од Куманово која почина во општата болница, поведе паралелна истрага за случајот. Од адвокатската канцеларија којашто ги застапува велат, првичните сознанија покажуваат дека спротивно на тврдењата на првиот човек на македонското здравство, има индикации за лекарска грешка. Сметаат дека сè уште е рано да се излегува со заклучоци. Располагаат со обемна документација, а ќе ангажираат и дополнителни стручни лица од медицината.
„Сите неонатолошки тестови и пренатални тестови кои биле извршени за време на бременоста, не покажале апсолутно никаква аномалија кај родилката, ниту кај бебето. За изненадување е како може нешто во последните 36 часа, толку да се искомплицира што ќе заврши со овој трагичен настан“, истакна бранителот на семејството, Христијан Георгиевски.
Бранителот на семејството на родилката информираше дека од досегашната документација, се забележува дека нема едногласност помеѓу медицинските лица кои стојат зад извештаите.
„Сите тимови кои работеле во медицинските установи немаат едногласие во поглед на содржината на овие медицински документи. Тоа на нас ни е доволна индикација дека независно што имам целосна доверба во нашиот судски систем, сметам дека нашата паралелна истражна постапка ќе даде сосема други резултати“, дополни бранителот.
Министерот за здравство Таравари, пак, излезе со информација дека првичната истрага покажала дека не се утврдени лекарски пропусти. Тој појасни дека комисијата констатирала одредени административни и технички недостатоци, но заклучок бил дека тие не можат да бидат причина за акутно влошување на здравствената состојба на родилката.
Надзорот кај матичниот гинеколог покажал дека родилката навреме се јавувала на сите контроли и била во добра здравствена состојба за време на втората бременост.
Родилката во деветтиот месец на 26-ти септември била примена во кумановската болница, откако почнало породувањето. Наредниот ден состојбата нагло се влошила и таа починала.
Во ОЈО Куманово во тек е постапка за собирање на докази.
Елена Георгиевска
