РКЕ

Бислимоски: Цената на парното останува стабилна

16.10.2024 13:18

Цената на парното сезонава ќе остане иста, но се најавува раст на цената на електричната енергија од јануари идната година...

Додека се трошат последните сончеви зраци, се решаваат и последните проблеми за радијаторите да се затоплат. Добрата вест е дека цената на парното сезонава ќе остане иста.

„Цената на парното ќе остане стабилна до следното лето, освен ако не се случи некоја драматична промена со цената на природниот гас, но не верувам дека ќе имаме такви драстични промени“, изјави првиот човек на РКЕ, Бислимоски.

До крајот на годината нема да има дополнителен попладневен час на евтина тарифа за електричната енергија за домаќинствата, како што претходно беше најавувано, велат од регулаторот.

Анализите покажале дека цените на берзата се евтини во периодот од 12 до 16 часот и може да се воведат дури четири часа евтина попладневна тарифа, наместо два како досега, но проблемот е во тоа што ноќните цени на берзата сега се многу високи и ќе треба да се укине евтината струја од 22 часот до полноќ.

Од РКЕ велат дека ситуацијата на пазарот на електрична енергија континуирано ќе се следи, имајќи ги предвид сериозните навестувања за раст на цената на електричната енергија од јануари идната година.

Известува Борис Грујоски