Мицкоски: Посетата во Германија ме направи поголем оптимист
По средбите на Берлинскиот процес, премиерот Мицкоски е поголем оптимист за европските интеграции на земјава. Во Македонија има само една Академија, вака Мицкоски ги коментираше најавите на коалициониот партнер во Владата „Вреди“ за формирање на Албанска академија на науките...

Премиерот Мицкоски е поголем оптимист за европските интеграции на земјава по средбите на Берлинскиот процес, но е во дилема дали воопшто да пишува писмо до ЕУ. Пораките до високите европски претставници планира да и ги пренесе на претседателката на Европската комисија, Урсула фон Дер Лајен, која на 24-ти месецов доаѓа во официјална посета на земјава. Однесувањето на Владата вели премиерот ќе ја разочара опозицијата, бидејќи како што рече никогаш нема да ги изневери очекувањата на граѓаните.
Во Македонија има само една Академија, вака Мицкоски ги коментираше најавите на коалициониот партнер во Владата „Вреди“ за формирање на Албанска академија на науките. За оваа иницијатива 4 општини веќе собираа пари, но советниците од ВМРО-ДПМНЕ нема да ги гласаат општинските буџети, дециден е премиерот Мицкоски кој упати порака наместо на невладини, парите да се потрошат на капитални проекти.
Градоначалниците на Тетово, Гостивар, Желино и Чаир, од редовите на владејачката „Вреди“, најавија финансиска поддршка за здружението на граѓани „Академско здружение за науки и уметности на Албанците“. Целта на ваквата поддршка, како што велат, е да се забрза динамиката за институционализација на оваа организација.
Викторија Милевска
