Филков тврди дека наследил кабинет без клучни документи, Лога негира
Недостасува документот на Оценската мисија, се потпираме на електронски верзии на дел од документите кои ги содржат препораките без официјално образложение и без допис од ЕК – отчет на министерот за правда Филков ...

Пред да замине од функцијата, поранешниот министерот за правда Лога, од кабинетот во Министерството со себе го зел класифицираниот документот со препораките за Судскиот совет изработен од Оценската мисија на Европската комисија – вели министерот за правда Игор Филков. Во тек е постапка за случајот и ќе се бара одговорност. Сепак во наредните месеци претстојат законски измени во Законот за Судски совет и Јавни обвинители-најавува министерот.
Лога со реакција за наводите на Филков.
„Писмото од Оценската мисија е добиено по електронски пат, исто како што го добија и вицепремиерот Маричиќ, претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев и други. Еден дел од писмото беше наменет за јавноста, додека другиот беше класифициран само за министерот. Тоа писмо е архивирано од службено лице во Министерството кое ракува со доверливи материјали. Истото писмо, со дозвола на мисијата, е споделено и со работната група, односно со претседателот академик Владо Камбовски“-се вели во писмената реакција на екс-министерот Лога.
Во првите 100 дена од преземање на функцијата министерот Филков информираше дека поништена е одлуката на претходната Влада за десеткратното зголемување на нотарската тарифа, подготвени се законски измени на Законот за бесплатна правна помош, а претстојат и измени во Законот за кривична постапка како и измени во однос на старосната граница за пензионирање на судиите.
Покрај тоа, целосно е и имплементиран системот ФЕМИДА за аудио и видеоснимање на судските процеси. Министерот за правда информираше и за долговите кој ги оставил неговиот претходник. Меѓу другото и скоро еден милион денари за чадори, чаши и маици.
Марина Стојанова-Тонева
