Велес

Николоски: Инвестираме во подобрување на инфраструктурата во сите општини

16.10.2024 15:01

Инвестираме значајни средства директно во општините за развој и за подобрување на условите за живот на граѓаните. Оваа година ќе се инвестираат 100 милиони евра преку програмата на Владата, следната уште 250 милиони евра за бројни проекти во инфраструктурата, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски при денешната работна посета на општина Велес...

Инвестираме значајни средства директно во општините за развој и за подобрување на условите за живот на граѓаните. Оваа година ќе се инвестираат 100 милиони евра преку програмата на Владата, следната уште 250 милиони евра за бројни проекти во инфраструктурата. Поднесените проекти преку Министерството за транспорт веќе се одобрени и очекувам многу скоро почеток на нивна реализација, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски при денешната работна посета на општина Велес.

Министерот Николоски заедно со градоначалникот Марко Колев и пратениците од Велес како и директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, извршија увид во реконструкција на улицата „Луј Пастер“, како и во изградената социјална зграда која во моментов е во постапка на распределување.

При посетата на социјалната зграда истакна дена ова е мерка со која ќе се обезбеди пристоен дом за 29 ранливи семејства од Велес.

„Инвестицијата во оваа зграда е 54,2 милиони денари и во овој момент тече постапка за распределување на становите. Очекувам 29 ранливи семејства од Велес да добијат свој дом и ги мотивирам сите кои ги исполнуваат условите да аплицираат и да видиме среќни семејства кои живеат тука. Уверувам дека процесот ќе биде транспарентен и јас лично ќе го надгледувам и нема да дозволам да има било какви манипулации. Паралелно со овој процес во тек е и распределба на зградата и во Кочани, а веќе во завршна фаза со изградба се зградите и во Бутел и Дебар“-изјави министерот Николоски.

Тој истакна дека за општина Велес распределени се 1,1 милион евра за подобрување на локалната патна мрежа кои во најголем дел се потрошени за реконструкција на улици низ градот.

„Улицата „8 март“ се заврши, улицата „Љубљанска“ ја завршуваме со реконструкција, следи поставување на сообраќајна сигнализација, a активно работиме и на улицата „Луј Пастер“ во должина од околу 1 км која деновиве се асфалтира. Сакам тука да го пофалам и градоначалникот кој прв ги искористи измените на Законот за урбанистичко планирање и аплицираше за изградба на катна гаража токму преку проектот на Владата и уверувам дека за брзо време ќе се изгради катна гаража“-истакна министерот Николоски.

Во однос на брзата пруга на Коридор 10, министерот најави дека со изградбата на брзата пруга граѓаните за дваесетина минути ќе патуваат од Велес до Скопје со 200 километри на час.

Градоначалникот Марко Колев ја потенцираше силната поддршка на Владата и министерството во реализација на капиталните проектот за општина Велес.