Коцевски вршел притисок врз колеги за случајот со бонусите во СЈО
Шефот на вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи за МТВ вели дека Коцевски му се јавил во септември и му рекол да внимава каква одлука ќе се донесе за овој предмет. Хајрулахи му одговорил дека не може да се меша, по што, по налог на Коцевски била спроведена контрола во обвинителството со кое раководи...

Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски минатиот месец вршел притисок врз колеги од пониското Обвинителство за случајот со бонусите исплаќани во СЈО. Ова го тврди шефот на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи кој за МТВ вели дека Коцевски му се јавил во септември и му рекол да внимава каква одлука ќе се донесе за овој предмет. Хајрулахи му одговорил дека не може да се меша, по што, по налог на Коцевски била спроведена контрола во Обвинителството со кое раководи, примарно насочена кон работата на обвинителот кој треба да ја донесе одлуката.
Обвинителот Јован Цветановски кој работи на предметот, за МТВ потврдува дека заканата на Републичкото јавно обвинителство е упатена преку неговиот шеф Хајрулахи.
Хајрулахи тврди дека во работната група којашто го спровела надзорот имало и двајца обвинители кои не смееле да постапуваат бидејќи истите тие претходно работеле на предметите.
Од Обвинителството негираат дека Коцевски вршел притисок врз обвинителот. Велат дека надзорот бил планиран со цел да се проверат наводи за мобинг и за притисоци со кои се соочувале вработени во тоа Обвинителство и при тоа воопшто не била вршена контрола врз предметот кој се однесува на бонусите во СЈО.
„Ниту во наведениот, ниту во кој било друг предмет во кој постапува Вишото јавно обвинителство Скопје или друго Јавно обвинителство, не е вршен притисок врз одлучувањето на надлежните јавни обвинители од страна на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија. Причините за надзорот се поткрепени со соодветни судски одлуки во однос на постапувањето на одредени обвинители во Вишото јавно обвинителство Скопје како и со документирани наводи за мобинг, закани и притисоци со кои се соочувале вработени во службата во тоа Обвинителство и кои Јавното обвинителство на Република Северна Македонија има обврска да ги провери“, велат од Републичкото обвинителство.
Јавниот обвинител за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази своевремено донесе решение со кое ја отфрли кривичната пријава на ВМРО-ДПМНЕ против екс обвинителите на СЈО, на кои Катица Јанева им поделила илјадници евра бонуси за доверливост, надвор од платата, со што, според пријавата Буџетот на државата е оштетен за повеќе од 4,5 милиони евра.
Анита Димитријевска – Велковска
