Европа

Пристигнаа првите мигранти во Албанија, по договорот со Италија

16.10.2024 19:05

Италија ѝ вети на Албанија 670 милиона евра за двата мигрантски центри за наредните пет години. Во кампот Шенџин, во близината на Скадар, денеска со брод на италијанската морнарица пристигнаа првите мигранти. Според планот потпишан меѓу премиерите Мелони и Рама, ќе мораат во рок од 28 денови да ги процесуираат барањата за азил. Негативниот одговор претпоставува нивна репатријација …

Италијанскиот воен брод „Либра“, се усидри во монденското летувалиште Шенџин носејќи ги првите мигранти. Рим се ослободува од претешкиот товар по обвинувањата од Брисел дека покрај Хрватска, Шпанија, Грција и Турција, и Италија е меѓу земјите кои го спречуваат прифаќањето на очајниците од Африка, Азија и Блискиот Исток. Првите 16-мина се од Бангладеш и од Египет. И други земји кои се на удар на бранот мигранти размислуваат за италијанскиот модел.

„Централно левата влада на премиерот Педро Санчез смета дека моделот на италијанската премиерка Мелони не е добар затоа што нехумано ги третира мигрантите. Истовремено, Санчез кој ја смета миграцијата за можност, не успеа да ја реши на Канарските острови“, вели Жорди Гарсија-дописник на Националното радио на Шпанија.

Вториот центар во Албанија е во Џадер, 20 километри од Шенџин. Камповите ќе можат да примаат и до 3.000 мигранти, за нив ќе се грижат околу 500 италијански полицајци, војници, затворски чувари и карабинери. Ќе бидат стационирани само мажи, семејствата, болните и децата остануваат во Италија. На утрешниот состанок на Европскиот совет, меѓу главните теми е распоредувањето на мигрантите од Унијата на територијата на трети земји, договор што ќе стапи во сила во декември.

„Да, 12-ти декември е крајниот рок за миграцискиот пакт, но добра вест е дека некои членки сакаат да го забрзаат спроведувањето“, вели Анита Хипер, портпарол на Европската комисија.

Според европскиот граничар Фронтекс-балканската и медитеранската рута на незаконската миграција опаднала за 60 насто. Наспроти, драстично, за 100 насто расте бројот на мигрантите од Белорусија. Според германската шефица на дипломатијата, хибридната војна со мигрантите кон истокот на Унијата е дел од перфидното сценарио на рускиот претседател Путин.

Зоран Богатинов