Македонија

Во акцијата „Премин“ уапсени 16 цариници и еден полицаец

16.10.2024 20:21

Уапсени се повеќе цариници и полициски службеник. Дел повеќе од година и пол земале мито за увезена стока без да вршат проверки. МВР и Обвинителството спроведоа голема полициска акција во струмичко-гевгелискиот регион со кодно име „Премин“. При претресите откриени 50 илјади евра...

Акцијата на полицијата и Обвинителството- „Премин“, спроведена во струмичко-гевгелискиот регион резултираше со истражна постапка против 16 лица. 14 цариници, еден нивни колега во пензија, но и еден полициски службеник. При претресите откриени биле 50.000 евра кои биле дадени за поткуп. Уапсените биле вработени на граничните премини Дојран и Ново село.

Апсените се товарат за примање поткуп, но две лица се сомничат и за злоупотреба на службената положба. Од превозниците на стока барале и добивале поткуп од 20 до 150 евра. Парите ги делеле меѓу себе и не правеле пресметка и наплата на увозните давачки.

Јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје поднел предлози за определување на мерка притвор за шестмина осомничени, додека за останатите десет осомничени предложил мерки на претпазливост – обврска за повремено јавување на службено лице, привремено да им бидат одземени патните исправи за преминување на државна граница и забрана за преземање на определени работни активности поврзани со кривичното дело.

Казната за примање поткуп е од четири до десет години затвор.

 

Миле Ристески