Сесил Меклорин Салвант вечерва го отвора Скопскиот џез фестивал

17.10.2024 11:08

Фестивалот годинава ќе го отвори специјалниот настап на денес најдобрата и најпопуларна американска џез пејачка, Сесил Меклорин Салвант. Овенчана со три Греми статуетки, шест номинации за Греми и бројни други значајни награди за најдобар џез вокал, таа се прослави со својата способност да откопува заборавени песни, оживувајќи ги со силни наративи, неочекувани пресврти и богата емоционална длабочина.

Денеска почнува 43. издание на Скопскиот џез фестивал. Внимателно селектираната програма го следи императивот за одржување на високиот меѓународен рејтинг на фестивалот и традицијата тој да го претстави најдоброто од светот на џезот и импровизираната музика. Девет светски етаблирани состави од САД, Европа и Македонија ќе ја претстават својата музика во Националната опера и балет и во МКЦ.

Програмата, распоредена во четири вечери, е исклучително силна, инспиративна и исполнета со низа ексклузивни настапи на некои од најголемите имиња на современиот џез и креативната музика денес.

Фестивалот годинава ќе го отвори специјалниот настап на денес најдобрата и најпопуларна американска џез пејачка, Сесил Меклорин Салвант. Овенчана со три Греми статуетки, шест номинации за Греми и бројни други значајни награди за најдобар џез вокал, таа се прослави со својата способност да откопува заборавени песни, оживувајќи ги со силни наративи, неочекувани пресврти и богата емоционална длабочина. Нејзините концерти се неповторливи искуства, во кои таа покажува неверојатно чувство и талент за раскажување приказни.

Истата вечер во МКЦ ќе настапи и домашниот џез-состав Next to Silence, претставувајќи го своето најново, второ по ред, албумско издание „Ruh“ (SJF Records), коешто беше промовирано во саботата, 12-ти октомври. Со својата музика, тие посегнуваат по мноштво природни феномени, древни вештини, загадочни адети, отелотворени претстави или завиени досетки, кои добиваат сосема ново постоење и смисла во нивните композиции. Next to Silence истото ќе го срочат и на нивниот настап на Скопскиот џез фестивал, каде што новиот материјал ќе доживее и концертна премиера.