Украина, Блискиот Исток, миграцијата - главни теми на октомврискиот самит на ЕУ
Тековните војни во Украина, на Блискиот Исток и миграцијата, тема на состанокот на Советот на ЕУ во Брисел, главни теми на дводневниот октомвриски самит на Европската унија. Зеленски на маса го става неговиот план за победа во пет точки, што Москва веќе го отфрли. Во исто време се одржува и состанок на НАТО алијансата...

Тековните војни во Украина, на Блискиот Исток и миграцијата, тема на состанокот на Советот на ЕУ во Брисел. Лидерите на Унијата првпат со увид во предложениот „план за победа“ на украинскиот претседател. Зеленски очекува ЕУ да ја исполни заложбата дадена во јуни заедно со партнерите од Г7, за 45 милијарди евра за поддршка на воените, буџетските и реконструктивните потреби на Украина.
„ЕУ е на ваша страна. Вашата иднина е во ЕУ. Видовме прогрес од ваша страна и имплементирањето на реформите кои се потребни. Со вашето присуство испраќаме порака дека сме на иста страна и имаме исти соништа“, рече Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет.
„Час поскоро ни се потребни средства за производство на опрема. Зимата доаѓа, мора да се подготвиме. Итно ни се потребни системи за противвоздушна одбрана. Нашиот план е да бидеме силни. Планот не зависи од волјата на Русија, туку од волјата на нашите партнери“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Во европската престолнина, денеска и утре состанок и на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, на кој исто така, учествува Зеленски како и партнерите од Индо-Пацификот, Нов Зеланд, Австралија, Јапонија и Јужна Кореја. Главна тема, спроведувањето на клучните одлуки за зајакнување на одбраната, поддршката на Украина и продлабочување на глобалните партнерства.
„Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина и тоа е нашата порака до Путин. Украина ќе стане членка на НАТО во иднина. Тоа беше решено во Вашингтон, прашање е само на време. Сојузниците се обединети за да се осигуриме дека колективно ќе направиме сè што е потребно за Украина да може да победи“, порача Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Вашингтон веќе објави нова воената поддршка за Киев. Пакетот вклучува 425 милиони долари за зајакнување на противвоздушната одбрана, ракети земја-воздух и артилерија со долг дострел. Австралија пак ќе и подари на Украина 49 американски борбени тенкови „М1А1 Абрамс“, за што доби дозвола од САД. Од руското МНР велат дека Киев го турка НАТО во директен конфликт со Москва.
„Ова не е план за победа на Зеленски, ова е план за несреќа за Украина и за украинскиот народ. Сето ова е насочено кон уште една изнуда на пари и прикажување на нивните терористички способности“, изјави Марија Захарова, изјави портпаролката на руското МНР.
На фронтот продолжуваат битките, Киев одново цел на напади со беспилотни летала. Руското Министерство за одбрана тврди дека зазеле уште две населени места во регионот Луганск, а продолжуваат и со притисокот врз украинските сили во регионот Курск.
Маријана Димовска
