Ќе продолжи изградбата на пругата кон Бугарија
Македонија не се откажува од Коридорот 8, но единствен начин да се реализира железничкото поврзување е ако двете земји заеднички извршат пробивање на тунелот, велат од Министерството за транспорт. Ваквиот став бил пренесен на средбата во Брисел со претставници на Софија. Македонските власти порачуваат дека не можат да прифатат проект што завршува во тунел за кој нема проект од другата страна на границата. СДСМ негира дека има грешка во проектот...

Ќе продолжи изградбата на пругата кон Бугарија. Ова во Брисел го договорија претставници на Министерството за транспорт и нивните бугарски колеги пред Европската комисија.
За владите во Скопје и Софија приоритет е модернизацијата и изградбата на железничката пруга, но македонската страна нема да прифати да продолжи градбата на пруга која завршува во тунел. Македонија бара нов повик за заеднички проект што ќе биде спроведен од двете земји, но и ревидирање на цената која за македонските власти е превисока.
Социјалдемократите тврдат дека овој проект е подготвен од меѓународни експерти и дека нема пречка тој да се спроведе.
„Откако со месеци ја манипулираа јавноста и поништуваа постапки, сега се согласија да го градат проектот онака како што досега беше планирано. Проектот е подготвен од меѓународни експерти и нема никаква пречка да се спроведе“, стои во соопштението од СДСМ.
На крајот на октомври, двете страни ќе имаат уште една средба за да ги договорат деталите за заедничката реализација на проектот. Претходно пропадна тендерот за изградбата на пругата кон Бугарија која е дел од Коридорот 8. За третата фаза од пругата, од Крива Паланка до границата со Бугарија се обезбедени 580 милиони евра, половина од Европската банка за обнова и развој и од Европската инвестициска банка.
Викторија Милевска
