Партија

СДСМ: Власта спроведува опасна партизација на АНБ, Христовски да биде разрешен

17.10.2024 12:17

Нов директор на Агенцијата за национална безбедност е всушност претседателот на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е спротивно на Законот за АНБ кој јасно предвидува дека директорот на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или нејзин орган.

Со назначувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ, власта на Мицкоски и ДПМНЕ спроведуваат опасна партизација на Агенцијата и на клучните безбедносни институции, соопштуваат од СДСМ.

Нов директор на Агенцијата за национална безбедност е всушност претседателот на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е спротивно на Законот за АНБ кој јасно предвидува дека директорот на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или нејзин орган.

Целта на овие законски одредби е да се избегне злоупотребата на безбедносните служби за партиски цели, како што тоа се случуваше во минатото.

Со поставувањето на лице кое само до 2023 година беше претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија директно го прекршува член 10 од Законот за АНБ. Дури и да се има формално повлечено од партијата, фактот дека до неодамна извршувал висока партиска функција е јасен показател дека ова решение е чисто партиско, непрофесионално и спротивно на Законот и на меѓународните стандарди, особено оние на НАТО, велат од партијата.

Мицкоски и ДПМНЕ го враќаат времето на директни злоупотреби на безбедносните служби во партиски цели, нагласуваат од СДСМ.