Конференција

Николоски и Зеколи-Шаќири: Ја подржуваме професионализацијата во системот на воздушна навигација

17.10.2024 13:38

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и заменик министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири, денеска се обратија на конференцијата во организација на Меѓународната федерација на здруженија на контролори на летање...

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и заменик министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири, денеска се обратија на конференцијата во организација на Меѓународната федерација на здруженија на контролори на летање. Во своите обраќања тие ја потенцираа важноста за професионализација на оваа дејност, суштинска за давање на услуги во делот на воздухопловната навигација.

Министерот Николоски истакна дека Владата и министерството дава поддршка на овој сектор преку обезбедување на висока професионалност и унапредување на авиосообраќајот во земјава.

„Како потпретседател на Владата и како министер давам поддршка за професионализација на оваа дејност. Овде мора да се употребат највисоките стандарди бидејќи нема простор за грешки и волунтаризам. Работиме на тоа да го зголемиме обемот на авиосообраќајот во земјава притоа имаме јавен повик за субвенционирање нови линии преку патници во доаѓање. Во моментов тече евалуација на понудите и наскоро ќе објавиме нови линии од аеродромите во Скопје и Охрид. Имаме идеја која сакам да ја споделам со вас, а тоа е да воведеме и прекуокеански летови од скопскиот аеродром. Имаме голема дијаспора, ова е голема амбиција но ќе повторам ова е само идеја на која треба да работиме но веруваме дека ќе имаме голем бенефит ние и цел регион“, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

Заменик министерката Калтрина Зеколи Шаќири во своето обраќање истакна дека Меѓународната федерација на асоцијации на контролори на летање има мисија да ја подобри безбедноста на воздушниот сообраќај, да ја промовира професијата и да ја обликува иднината во управувањето со воздушниот сообраќај.

„Оваа мисија, заснована на професионализам и најдобри интереси на воздухопловството, е целосно неполитичка. За нас во Македонија ова претставува предизвик. Да се чува политичкото влијание подалеку од воздухопловниот сектор и да се осигури дека одлуките се носат исклучиво врз основа на ефикасноста и безбедноста е задача на која нашето Министерство за транспорт е целосно посветено да ја реализира“, истакна заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи Шаќири.

Настанот беше коорганизиран од Македонското здружение на контролори на летање.