Се урна малезиски патнички авион!

17.07.2014 18:21

Во авионот имало 280 патници и 15 членови на екипажот и се стравува дека нема преживеани...

Боинг 777 на Малезија Ерлајнс се урна во источна Украина, во доњецката област. Загинаа сите 280 патници и 15 членови на екипажот, соопшти украинскиот министер за внатрешни Антон Герашенко.

Контактот со летот од Амстердам до Куала Лумпур бил изгубен над украински воздушен простор. Несреќата се случила во местото Торез, на 60-тина километри од руската граница. Таму се во тек жестоки борби меѓу украинската војска и проруските бунтовници.

Интерфакс и Асошиетед прес го пренесуваат твитот на советникот на украинскиот министер за внатрешни дека боингот бил погоден со проектил земја-воздух, од страна на проруските терористи. Како можно оружје се наведува ракета „бук“.

Реагираа властите на Доњецката Народна Република: „Авионот го соборија украинските сили. Ние немаме такви одбранбени системи“. Тие за соборувањето на леталото ги обвинија украинските власти, кои до сега немаа причина да гаѓаат цели во воздух.

Бунтовниците, кусо по падот на малезискиот авион соопштија дека собориле Антонов 26 на украинското воздухопловство. Во таа област во изминатите недели беа соборени повеќе украински авиони и хеликоптери.

Експертите не се убедени дека малезискиот авион бил соборен. За да се погоди Боинг кој лета на височина од 10 километри се потребни ракети земја-воздух со голем дострел, наведувани од радар. Единствената друга можност што останува е да биде соборен од ловец со ракети воздух-воздух.

Во меѓу време, сајтот на аеродромот во Куала Лумпур не работи. Од нив се бара одговор како се нашол боингот во област во која се забранети летови. Украинскиот премиер Јаценјук нареди итна истрага. Дека авионот е можеби соборен изјави и рускиот претседател Порошенко.