„Планот за победа“ на Зеленски пред лидерите на ЕУ
Руската агресија врз Украина, Блискиот Исток, миграцијата, зајакнувањето на конкурентноста – главни теми на октомврискиот самит на Европската унија. Во Брисел состанок и на НАТО алијансата...

Тековните војни во Украина, на Блискиот Исток и миграцијата, тема на состанокот на Советот на ЕУ во Брисел. Лидерите на Унијата првпат со увид во предложениот „план за победа“ на украинскиот претседател. Зеленски очекува ЕУ да ја исполни заложбата од јуни и заедно со партнерите од Г7 да обезбеди 45 милијарди евра за поддршка на воените, буџетските и реконструктивните потреби на Украина.
„Сите гледаме низ какви предизвици поминуваме на глобално ниво. Импресионирани сме од храброста на вашите луѓе и знаеме дека тие се борат за нашите заеднички соништа, вредности и принципи. Со презентирање на планот за победа ќе можеме да видиме конкретно како можеме да допринесеме во негово остварување“, изјави Шарл Мишел, претседател на Советот на ЕУ.
„Путин подготвува сопствено засилување за да ја продолжи војната, а не да ја заврши. Ако почнеме сега и го следиме победничкиот план, можеме да ја завршиме оваа војна најдоцна до следната година. Мораме да продолжиме да вршиме притисок врз Русија на бојното поле, и реално е да ги задржиме позициите на фронтот во рамките на украинската територија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во европската престолнина, денеска и утре состанок и на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, на кој исто така, учествува Зеленски како и партнерите од Индо-Пацификот, Нов Зеланд, Австралија, Јапонија и Јужна Кореја. Главна тема, спроведувањето на одлуки за зајакнување на одбраната, поддршката на Украина и продлабочување на глобалните партнерства.
„Се справуваме со низа клучни предизвици, вклучително и малтретирањето од Народна Република Кина и руската непромислена инвазија на Украина. Но, додека го правиме тоа, не смееме да ја изгубиме од вид заканата што ИСИС се уште ја претставува“, изјави Лојд Остин, секретар за одбрана на САД.
Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина и тоа е нашата порака до Путин, вели генералниот секретар на алијансата. Од руското МНР велат дека Киев го турка НАТО во директен конфликт со Москва.
„Украина ќе стане членка на НАТО во иднина. Тоа беше решено во Вашингтон, прашање е само на време. Сојузниците се обединети за да се осигуриме дека колективно ќе направиме сè што е потребно за Украина да може да победи“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Вашингтон веќе објави нова воена поддршка за Киев од 425 милиони долари за зајакнување на противвоздушната одбрана, ракети земја-воздух и артилерија со долг дострел. Австралија пак ќе и подари на Украина 49 американски борбени тенкови „М1А1 Абрамс“. На фронтот продолжуваат битките, Киев одново цел на напади со беспилотни летала. Гранатирана енергетската инфраструктура на Миколаев. Продолжува притисокот врз украинските сили во регионот Курск.
Маријана Димовска
Фото: Европска комисија
