Лекарската комора го доби извештајот за смртта на 14-месечното бебе, се чека одлука
Извештајот за смртта на 14-месечното девојче пред Етичката комисија на Лекарската комора. Утре ќе се донесе одлука. Министерот Таравари очекува да има одговорност за направените пропусти во лекувањето...

Во Лекарската комора стигна извештајот од стручната комисија за смртта на 14-месечното бебе, но и допис од Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“, во кој даваат свое видување за изнесените наводи. Комисијата за етички и правни прашања треба да одлучи што ќе се преземе за пропустите при лекувањето на детето.
„Ќе се одржи состанок на Комисијата за етички и правни прашања, на кој ќе се разгледа доставениот извештај во врска со починатото дете, кој е подготвен од комисија формирана од министерот за здравство. За исходот од работата на Комисијата за етички и правни прашања и донесените одлуки, дополнително ќе информираме“, стои во соопштението од Лекарска комора.
Министерот за здравство очекува одговорност од докторите, кои како што рече, направиле превид во лекувањето на 14-месечното бебе. Се надева дека двајцата директори ќе преземат мерки.
„Извештајот е испратен до клиниките, чекаме да видиме како ќе постапат директорите, ние можеме да постапиме врз директорите. Министерот не може да избрка од работа, Министерството треба да инсистира на директорите да бидат преземени мерки кон тие доктори што направиле превид“, изјави Арбен Таравари – министер за здравство.
Според извештајот на стручната комисија, констатирани се системски, технички и стручни недостатоци. Родителите го носеле детето на Детската клиника, каде направиле превид кога го пратиле детето на домашно лекување.
На клиниката во „Козле“, пак, не била направена соодветна процена за здравствената состојба и не било навреме поставено на респираторна машина. Од Клиниката „Козле“ негираат вина, од Детска ќе го чекаат извештајот од Лекарската комора.
14 месечното бебе почина од опструктивна бронхопневмонија на 5-ти октомври, откако во многу тешка здравствена состојба било донесено од „Козле“ на Детската клиника.
Андријана Ѓурческа
