Мицкоски: Не се политизира АНБ, Христовски доби безбедносен сертификат
Премиерот Мицкоски ги отфрла обвинувањата за политизација на Агенцијата за национална безбедност. Тој не гледа проблем во назначувањето на Бојан Христовски за нов директор, за кого рече дека во минатото му била нанесена неправда. Христовски доаѓа на местото на Зарко Милошевски, кој беше разрешен на последната владина седница.

Премиерот Мицкоски ги отфрла обвинувањата за политизација на Агенцијата за национална безбедност. Тој не гледа проблем во назначувањето на Бојан Христовски за нов директор, за кого рече дека во минатото му била нанесена неправда. Христовски доаѓа на местото на Зарко Милошевски, кој беше разрешен на последната владина седница.
„Кога се трансформираше УБК во АНБ и се правеше селекција, имаше поранешни високи структури во АР, УБК и АНБ коишто ги профилираа луѓето и врз основа на тоа гледаа како да им наштетат преку лажни вести, клеветнички дописи, злоупотребувајќи ги институциите во коишто работат. Нормално откако таа неправда му беше нанесена на Христовски и не му беше даден безбедносниот сертификат, беше констатирана злоупотребата на дел од раководството на АР, за што јавноста многу набрзо ќе биде запознаена. Таа грешка се исправи, Христовски доби безбедносен сертификат и не гледам причина зошто човекот којшто го поминува речиси целиот работен век во безбедносниот сектор, да не ја извршува успешно челната позиција во АНБ“, изјави Мицкоски.
СДСМ, пак, бара експресно разрешување на новиот директор на тајната служба. Од партијата велат дека е прекршен Законот и оти власта спроведува партизација на клучните безбедносните служби.
„Тоа е спротивно на Законот за АНБ кој јасно предвидува дека директорот на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или нејзин орган. Целта на овие законски одредби е да се избегне злоупотребата на безбедносните служби за партиски цели, како што тоа се случуваше во минатото. Со поставувањето на лице кое само до 2023 година беше претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија директно го прекршува член 10 од Законот за АНБ“, изјави Миле Талевски.
Христовски е поранешен припадник на УБК кој по формирањето на новата АНБ не беше вработен во Агенцијата откако не му беше издаден безбедносен сертификат.
Марина Стојанова-Тонева
