Еврообврзницата- гаранција за макроекономската стабилност
Македонија издаде еврообврзница на половина милијарда евра...

Половина милијарда евра тежи третата еврообврзница издадена од Република Македонија, со рок на достасување од 7 години. Од Министерството за финансии соопштуваат дека како резултат на двојно повисоката побарувачка, постигната е стапка на принос од 4,25 проценти, односно каматна стапка од 3,975 проценти на годишно ниво, историски најниска досега. Ова според економистите е показател дека е одбран вистинскиот момент за издавање на еврообврзницата.
„Министерот за финансии и гувернерот на НБРМ го одбраа вистинскиот момент, кога има најниски каматни стапки на светскиот финансикиот пазар да издадеме еврообрврзница“, изјави унверзитетскиот професор Томе Неновски.
Вицепремиерот Ставрески и гувернерот Богов во изминатиов период, на средби со инвеститори во повеќе европски градови, го испипуваа пулсот на меѓународниот пазар на капитал. Со парите ќе се финансираат буџетските потреби, но и ќе се исплатат обврските што доспеваат во наредниот период.
„Од една страна, ова ќе има силно позитивно влијание врз сервисирањето на долговите кои со многу силен интензитет достасуваат во следниве две до три години, а од друга страна, ова ќе има позитивно влијание врз одржувањето на адекватно ниво на девизните резерви. Сè на сè ќе имаме стабилна монетарна и фискална политика, а оваа еврообрвзница мислам дека ќе биде гаранција за одржување на макроекономската стабилност“, објаснува професорот Неновски.
Првата еврообврзница беше издадена во 2005-та година, на сума од 150 милиони евра и со каматна стапка од 4,6 проценти. Втората од 2009-та година, вредеше 175 милиони со каматна стапка од високи 9,8 проценти.
Мартин Пушевски
