Македонската економија годинава ќе порасне за 1,8%, прогнозира Светска банка
Ќе има економски раст, но, помал од она што се очекуваше со пролетните проекции. Светска банка го претстави полугодишниот економски извештај. Главна кочница за нас е пролонгирањето на инвестициите во патната инфраструктура...

Намалување на економскиот раст на земјава, од 2,5 насто во пролетните проекции на 1,8 во есенските, стои во извештајот на Светска банка за Западен Балкан. Дел од причините за ова се пролонгирањето на инвестициите во патната инфраструктура, првенствено на коридорите, намаленото земјоделство производство и иселувањето на младото работоспособно население. За следната година прогнозите се благо забрзување на растот од 2,5 насто.
Потребна е поголема економска интеграција како клучен двигател за малите економии, советува Светска банка. Поголема трговска размена, намалено чекање на граничните премини и интегрирани платежни системи. Секој четврти жител од Балканот живее во странство што е аларм за подобро справување со демографските процеси, пазарот на труд и развој на човечки капитал. За зголемување на продуктивноста и до 50 насто неопходно е инвестирање во здравството и во образованието.
Регионалниот просек има позитивен раст од 3,3 насто, со проценки следната година да има забрзување и да достигне 3,7 насто. Највисок раст ќе имаат Србија и Косово.
Александра Велинова
