По трагичната сообраќајна несреќа, во Велес утре Ден на жалост
Тројца патници починаа, двајца се борат за живот, а тројца се со тешки повреди, во сообраќајката која се случи вчера попладне. Сите биле од Велес, вработени во скопска фирма, кои се враќале од работа и секојдневно патувале на работното место како бравари, заварувачи...

Три лица го загубија животот, две се во критична состојба, а три се со тешки повреди, во сообраќајната несреќа која вчера попладне се случи на автопатот Скопје – Велес, пред тунелот кај Катланово. Несреќата се случила во 17:35 часот. Советот на Општина Велс утрешниот ден, петок 18-ти октомври го прогласи за Ден на жалост, откажани се сите културно-забавни и спортски манифестации, а од кафетериите да се емитува сериозна музика.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починале патници, вработени во скопска фирма од Лисиче, како бравари и заварувачи, кои секојдневно патувале на релација Велес – Скопје и обратно, со сопствен превоз од фирмата. Велешани тагуваат по нивните сограѓани.
Двајца од петте повредени патници се во животозагрозувачка состојба.
Во текот на ноќта Основното јавно обвинителство од Скопје издало наредби за вештачење на траги пронајдени на лице место и за обдукција на починатите. Комбето со кое се превезувале патниците е подигнато од местото на несреќата и ќе се врши и вештачење со цел да се испитаат сите околности кои довеле до настанот.
Петар Печков
