МВР и ОЈО

14 лица под истрага за проституција и дрога

17.10.2024 18:08

Во координирана полициска акција, уапсени 13 лица за проституција и дрога во тетовско и Охрид, едно лице е во бегство. Според Обвинителството, водач на групата бил 35-годишник од Боговиње. Пронајдени се 35 девојки, странски државјанки, кои работеле како танчарки во стриптиз-клубови...

13 лица лишени од слобода, едно недостапно за органите на прогонот. Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и МВР разоткриле криминална група за посредување во вршење проституција и илегална трговија со дрога. Во нивни раце биле 35 девојки.

Отворена истрага против 14 лица. Претреси биле извршени на 17 локации во тетовскиот регион и во Охрид.

Мозок на групата бил 35 годишник од Боговиње, ги организирал криминалните активности во угостителски објекти во Жеровјане, Горно Седларце и во Охрид. Ги наведувал на проституција девојките – странски државјанки кои работеле како танчарки во стриптиз-клубови.

Дел од групата биле задолжени да ги наведуваат девојките на проституција, ги разнесувале по клубови, го организирале нивниот влез во земјава, им изработувале лажна документација за фиктивен престој, заобиколувајќи ги процедурите за добивање легален, од управните органи.

Петмина од групава обезбедувале, им продавале дрога, најчесто кокаин на девојките и на гостите во локалите. Дел од криминалната група биле и две службени лица, затворски службеник од затворот во Тетово и виш инспектор од Тетово. Тие помагале, користејќи ги позициите и контактите.

 

Ана Јосифовска