АХВ

Превентива за болеста чума кај добитокот

18.10.2024 08:06

Добиточната болест чума кај малите преживари која се појави во Грција и во Романија ги засили контролите во пограничните региони. Болеста не е опасна за луѓето, но, кај овците и козите предизвикува голема смртност и огромни економски загуби …

Засилен надзор на сите гранични премини, по потврденото присуство на болеста чума кај малите преживари во Грција и во Романија.

Ветеринарните власти со превентивни активности за справување со болеста при нејзино евентуално појавување и кај нас. Се спроведуваат мерки за нејзино рано откривање во одгледувалиштата во сите региони. Во случај некое животно да покаже симптоми, ќе се земат примероци за лабораториско испитување.

Станува збор за исклучително заразна болест која има висок процент на смртност и која најбрзо се пренесува со директен контакт со заболено животно, преку контаминирана храна, превозни средства и слично. Исклучително е опасно неконтролираното движење на животните, пред сè шверцот со овци и кози.

Болеста не е опасна за луѓето, но, кај добитокот предизвикува голема смртност и огромни економски загуби, велат од агенцијата за храна и ветеринарство.

Од пред 3 години Македонија има статус на земја слободна од оваа болест и немаме ограничувања за извоз на животни и нивни производи на европскиот пазар.

 

Методоија Трајков