Гудачки квартет од Полска на Охридско лето

17.07.2014 19:43

Вечерва во предворјето на катедралната црква „Света Софија“ во Охрид љубителите на музиката ги чека незаборавно и ретко доживување. Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ концерт ќе одржи ексклузивниот гудачки квартет „МоцАРТ груп“ од Полска.

Гудачкиот квартет „МоцАРТ груп“ свири музика од класичниот репертоар, но на сосема поинаков начин. Нивната изведба е мешавина од музика, театар и движење, а со уникатниот хумор кој го поседуваат членовите на квартетот се сметаат за едни од најинвентивните забавувачи во светот.

„Голема чест за нас е што вечерва ќе настапиме на Охридско лето. Знаеме дека на овој фестивал освен звезди на класичната музика учествуваат и други звезди и дека е многу реномиран“, вели Филип Јаслар, член на гудачкиот квартет„МоцАРТ гру“.

Од Дирекцијата на Охридско лето најавуваат незаборавен концерт, кој со сигурност нема да ги остави рамнодушни љубителите на музиката.

„Интересот за овој концерт е навистина огромен, посетителите почувствуваа за што всушност се работи, дека се работи за нешто што за прв пат ќе се претстави пред фестивалската публика, бидејќи МоцАРТ груп настапуваат прв пат во Македониј“, вели Гордана Јосифова Неделковска, музички селектор.

Годачкиот квартет „МоцАрт груп“ од Полска досега има одржано над 3 000 концерти во повеќе од 50 земји, на четири континенти, а нивниот професионализам и талент го потврдуваат големиот број интернационални награди.

Сашо Нелоски