Хезболах објави дека влегува во нова, ескалирачка фаза во војната против Израел
Тел Авив тврди дека го убиле лидерот на Хамас, Јахја Синвар. Од милитантната група сè уште нема потврда. Сојузниците на Израел се надеваат дека ова ќе биде чекор напред во постигнување мир, додека пак, дел од арапските земји сметаат оти ова може да ја радикализира состојбата...

Израел ја продолжува потрагата по лидерите на милитантните групи на Блискиот Исток. Во Појасот Газа елиминиран Јахја Синвар, кој по смртта на Исмаил Ханије стана највлијателниот лидер на Хамас и е главен организатор на нападот врз Израел на 7-ми октомври.
„Во изминатата година, Синвар се обиде да избега од правдата. Тој не успеа. Рековме дека ќе го најдеме, и го сторивме тоа“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.
„Ова беше израелска операција, а американските сили не беа директно вклучени“, изјави Генерал-мајор Патрик С. Рајдер, портпарол на Пентагон.
Сојузниците Вашингтон и Тел Авив се надеваат дека смртта на Синвар ќе ја отвори вратата за нова рунда преговори и прекин на огнот во Појасот Газа. Премиерот Нетанјаху вели дека војната може да заврши утре ако Хамас го остави оружјето и ги врати заложниците.
„Добар ден за светот. Му се јавив на Биби Нетанјаху да му честитам што го доби Синвар. Сега е време да продолжиме понатаму кон прекин на огнот во Газа. За целиот свет време е да заврши оваа војна и да ги донесеме заложниците дома“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
„Владеењето на теророт што иранскиот режим го наметна врз сопствениот народ и врз народот на Ирак, Сирија, Либан и Јемен, исто така ќе заврши. Сите оние кои бараат иднина и мир на Блискиот Исток треба да се обединат за да изградат подобра иднина“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Меѓународната заедница апелира за прекин на огнот, но изразува загриженост за ескалацијата и опасноста од радикализација на милитантните групи.
„Ние сме крајно загрижени за опасната ситуација во регионот. Гледаме ескалација во Либан. Го видовме балистичкиот удар на Иран врз Израел. Сето ова ги зголемува реалните ризици од поширока регионална војна“, изјави Урсула фон дер Лејен, претседателка на Европската комисија.
„Навистина, мора да се стави крај на воените операции. Отсега, по овој исход, мора да се прифати прекин на огнот во Газа и конечно, да се отвори кредибилна политичка перспектива и за Израелците и за Палестинците“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
„Смртта на Синвар е можност оваа војна да заврши. Повторно повикуваме за прекин на огнот, сите заложници да се вратат дома и да се достави хуманитарна помош во Газа“, изјави Пени Вонг, министерка за надворешни работи на Австралија.
Според либански медиуми, Калед Мешал е назначен за вршител на должноста лидер на Хамас, а групата најави дека по убиството на Синвар, преговорите за размена на заробеници и завршување на војната ќе стануваат се потешки. Од Иран велат дека смртта на Синвар нема да го ослабне духот на отпорот, додека Хезболах објави дека преминува на нова, засилена фаза од војната со Израел.
Маријана Димовска
