БРИСЕЛ

Втор ден од НАТО состанокот во Брисел

18.10.2024 12:10

Втор ден од НАТО состанокот во Брисел. Зајакнување на одбрана и отпорноста на Алијансата се главни теми на денешните средби. Војната во Украина останува горлив проблем, а реакциите по презентирањето на Планот за победа на украинскиот претседател Зеленски не стивнуваат. Во Брисел е и македонскиот министер за одбрана Мисајловски...

Откако украинскиот претседател Зеленски на НАТО состанокот во Брисел го презентираше планот за победа во пет точки, реакциите не стивнуваат. Војната меѓу Москва и Киев не смее да се претвори во конфликт меѓу Русија и НАТО, дециден германскиот канцелар Шолц. Берлин нема да испрати оружје со долг дострел во Украина. Шолц изрази негодување и за влезот на Украина во НАТО.

„Не сметам дека е тоа исправна испорака – и така ќе остане“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.

Унгарскиот премиер Орбан песимист за претставениот план на Зеленски. Рече дека Украина со сегашната стратегија, ќе ја загуби војната.

„Им посакуваме на Украинците да бидат во право, но веруваме дека не можат да победат со овој победнички план, со него можат само да загубат со него“, изјави Виктор Орбан – премиер на Унгарија.

Но, генералниот секретар на НАТО Руте уверува дека Украина ќе биде следната членка на Алијансата. Дотогаш вети силна поддршка за Киев од партнерите. Додаде дека Алијансата интензивно работи на зајакнување на одбранбените капацитети.

„Ги зајакнуваме одбранбените индустриски капацитети и производството во алијансата, интензивно работиме за заштита на критичните ланци за снабдување, исто така ја засилуваме поддршката за Украина, да може ефикасно да се брани од руската агресија денес, но и за одвраќање на руските закани во иднина. Продолжуваме да ја промовираме стабилноста и безбедноста и надвор од нашите граници“, изјави Марк Руте – генерален секретар на НАТО.

На вториот ден од Министерскиот состанок во Брисел главни теми се инвестирањето во вооружените сили за зајакнување на одбраната и отпорноста на НАТО-Алијансата. На маса и состојбата во Западен Балкан. Во Брисел е и македонскиот министер за одбрана Владо Мисајловски.

 

Маја Стојанова