Кривичен суд

Нови сведоштва за двојното убиство

18.10.2024 12:08

На почетокот на истрагата немаше логика дека девојчето е киднапирано, вели началник во МВР кој е сведок на судењето за двојното убиство на Вања и Панче…

Продолжува судењето за двојното убиство. Нови сведоци денеска се испитуваа пред петтемина обвини за убиството на Вања и Панче. Началник на единица за насилен криминал во СВР Скопје, кој сведочеше на денешното рочиште изјави дека на почетокот од истрагата немало логика дека девојчето е киднапирано.

„На почетокот сметавме дека девојчето доброволно влегло во некое возило и дека го напуштила домот, дека едноставно сакала да ги казни родителите. Немаше логика дека е киднапирана, немаше ниту откуп, ништо“, изјави сведокот Дејан Димовски, кој во тоа време работел како началник на единица за насилен криминал во СВР Скопје.

„Имаше доста нелогичности и нас не ни беше јасно. Ги повикавме родителите, наставничката, директорката, педагогот … нас ни беше доста нејасно како може веднаш да се алармира дека е киднапирано девојчето. Нормално би било прво да видат дели е кај некоја другарка или друго“, изјави сведокот.

За денешното рочиште се повикани уште четворица сведоци, предложени од Обвинителството.

На претходното рочиште сведочеа полициски началници од СВР Скопје и Велес, кој обелоденија како успеале да ги најдат телата на младата Вања и велешанецот Панче. Тие кажаа дека двајца од обвинетите им ги покажале точните локации каде биле закопани.

Обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски на првото рочиште се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.