Украина: Проруските сепаратисти виновни за соборувањето на малезискиот патнички авион?!
Во разговорот којашто се одвива меѓу офицер на руските тајни служби и командант на сепаратистите наводно станува збор за уривање на патнички авион во областа Храбов која што е под контрола на проруските сепаратисти...

Украинските безбедносни служби тврдат дека пресретнале конверзација којашто докажува дека проруските сепаратисти се виновни за соборувањето на малезискиот патнички авион Боинг 777 над украинска територија.
Во разговорот којашто се одвива меѓу офицер на руските тајни служби и командант на сепаратистите наводно станува збор за уривање на патнички авион во областа Храбов која што е под контрола на проруските сепаратисти.
Амбасадорот на Украина во ОН, Јуриј Сергеев рече дека леталото не би се урнало доколку Русија не им доставела модерен систем на проектили на проруските сили. Русија пак за несреќата ги обвинува украинските сили.
Инаку, боингот исчезнал од радарот некаде над украинската територија додека летал на релација Амстердам – Куала Лумпур. Загинаа сите 298 патници и членови на екипажот. 154 од нив биле државјани на Холандија, а 80 биле деца.
„Бев дома кога слушнав врева и две експлозии. Истрчав надвор и видов црн чад“, вели жител на Храбов.
„Се слушаше гранатирање и истрели. Се исплашив бидејќи изгледаше дека е многу близу. Потоа видов како од облаците паѓа авион. Делови летаа на сите страни“, додава друг жител.
Малезискиот премиер по телефонски разговор со лидерите на Украина и на Холандија, како и со американскиот претседател Обама, рече дека ќе го преврти секој камен за да се дознае што точно се случило со боингот.
„Украинските власти веруваат дека авионот бил соборен. Но, во овој момент Малезија не може да ги утврди причините за оваа трагедија, но ние мора и ќе дознаеме што точно се случило со овој лет. Ако се открие дека авионот сепак бил соборен, ќе инсистираме виновниците да бидат изведени пред лицето на правдата“, вели Наџиб Разак, премиер на Малезија.
Генералниот секретар на НАТО, Расмусен побара меѓународна истрага и порача дека нестабилноста во регионот создава се поопасна ситуација. Барања за меѓународна истрага упатија и ЕУ и САД.
Во меѓувреме, Велика Британија побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН за да се разгледа кризата во Украина по соборувањето на авионот.
Марина Автовска
