Академија на албанците

„Вреди“ останува осамена во иницијативата за Албанска академија на науките и уметностите

18.10.2024 13:39

Иницијативата на коалицијата „Вреди“ за Албанска академија на науки и уметности под државна капа останува без поддршка од партиите. Против идејата се од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ. Од ДУИ велат дека сегашната Албанска академија ќе остане како што е регистрирана како Здружение на граѓани...

„Вреди“ останува осамена во иницијативата за Албанска академија на науките и уметностите. Засега ваквото регистрирано здружение ќе биде финансирано од општините чии градоначалници се од редовите на „Вреди“ во Тетово, Гостивар и Желино. Нема поддршка од Чаир.

Советниците во општината од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ се против овој проект којшто треба да прерасне во институција, финансирана од државата. Интегративците тврдат дека планираната академија од „Вреди“, во иднина ќе остане само невладина организација.

Премиерот Мицкоски е категоричен дека за него единствена Академија на науки и уметности во Македонија е МАНУ. Не очекува неговиот став да влијае на односите во владината коалиција. СДСМ се изјасни дека ќе се спротивстават со сите расположливи средства, оти науката не треба да се партизира, етнизира и злоупотребува во дневно-политички цели.

Од „Вреди“ побараа од сите партии наместо да критикуваат да дадат поддршка за иницијативата и како што велат, да се најде правично решение за претставување на албанците во највисоката академска институција.

„Вреди“ подготвува закон и за правична застапеност, откако Уставниот суд го укина балансерот. Сличен закон најавија и од ДУИ.

 

 

Ирина Гелевска