Разузнавање

АНБ и АР ќе се спојат, тоа е практика во земјите на НАТО- вели Мицкоски

18.10.2024 14:26

За реформата во безбедносниот систем премиерот Мицкоски разговарал и со претседателката Сиљановска Давкова, која е надлежна за Агенцијата за разузнавање. На адреса на Мицкоски стигнаа обвинувања од социјал-демократите дека ја партизира Агенцијата за национална безбедност, бидејќи со неа ќе раководи партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ...

Сè поизвесно е спојувањето на АНБ и Агенцијата за разунавање во една институција. Ова е потреба, а не лична фрустрација која е практика во земјите-членки на НАТО, вели премиерот Мицкоски. За реформата во безбедносниот систем разговарал и со претседателката Сиљановска Давкова, која е надлежна за Агенцијата за разузнавање и пред неколку недели назначи нови директори.

„Тоа е реформа која најголемиот дел од нашите сојузници во НАТО алијансата ја имаат направено. Разговарано е и со претседателката. Ова е резултат на потреба како реформа, не е некаква лична фрустрација некој да спојува агенции, туку така е направено во најголем дел од земјите-членки на НАТО“, изјави премиерот Мицкоски.

На адреса на Мицкоски стигнаа обвинувања од социјал-демократите дека ја партизира Агенцијата за национална безбедност, бидејќи со неа ќе раководи партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Според СДСМ, власта има цел повторно да ги злоупотребува безбедносните служби.

„Бараме итни мерки за департизација, односно разрешување на Христовски и назначување на нов директор на АНБ, со што ќе се врати професионализмот и довербата во оваа институција“, изјави Методија Илиевски од СДСМ.

Мицкоски застана во одбрана на новоименуваниот директор Бојан Христовски за кој рече, бил жртва на мобинг од претходната власт и низ судски пат се докажало дека ја заслужува позицијата во АНБ. Владата пред неколку дена од директорската позиција го разреши Зарко Милошевски, кој беше на чело на АНБ од 2022-ра година.

Викторија Милевска