Институциите си ја префрлаат одговорноста за смртта на 14-месечното бебе
Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора нема законски ингеренции да ја преиспитува работата на Комисијата за стручен надзор формирана од страна на Министерството за здравство...

Институциите си ја префрлаат одговорноста и по две недели нема мерки за посочениот лекарски превид за смртта на 14-месечното бебе. Лекарската комора бара Министерството за здравство со решение точно да прецизира индивидуална одговорност и да предложи конкретни мерки согласно Законот. Велат немаат ингеренции да ја преиспитуваат работата на Комисијата за стручен надзор, ниту самоиницијативно да утврдуваат мерки бидејќи не располагаат со медицинската документација врз основа на којашто е изготвен извештајот.
„Комората нема законска можност самоиницијативно да пристапи кон утврдување на индивидуална одговорност и да предлага мерки само врз основа на доставениот извештај. Лекарска комора ќе постапи веднаш, согласно со своите надлежности и ингеренции, штом добие решение од министерот за здравство со кое точно ќе се прецизира индивидуалната одговорност и ќе се предложат конкретни мерки согласно со законските прописи“, стои во соопштението од Лекарска комора.
Од Комората велат дека најголем дел од пропустите во извештајот се системски, и за истите немаат надлежност да постапуваат.
Министерот Таравари јавно побара одговорност од докторите кои биле вклучени во третманот на детето. Ги повика и директорите на Детска и Козле да преземат мерки.
Извештајот на стручната комисија нотира низа недостатоци. Се вели бил направен превид на Детската клиника кога родителите го однеле 14-месечното девојче вторпат на преглед. Лекарите наместо да го хоспитализираат, го пратиле на домашно лекување. На клиниката во Козле, пак, стручната комисија нотирала дека не била направена соодветна проценка за здравствената состојба и детето не било навреме поставено на респираторна машина. Стои дека затаил и системот за транспорт на итни пациенти. Од Клиниката „Козле“ ги отфрлија ваквите наводи, од Детска велат ќе чекаат да го добијат извештајот од Лекарската комора и ќе одлучат какви мерки ќе преземат.
14-месечното бебе почина на 5-ти октомври од бронхопневмонија на Детската клиника, откако беше транспортирано од клиниката во Козле.
Андријана Ѓурческа
