Рокот пролонгиран, нова шанса општините да добијат повеќе пари
Нова шанса за општините да добијат повеќе пари. Рокот пролонгиран на владина седница. Град Скопје, Сарај, Теарце и Струмица треба да подготват нова документација…

Општините кои не добија пари за проекти имаат рок уште еден месец да ја достават ажурираната документација што им недостигала на јавниот повик. Градот Скопје и општините Сарај, Струмица и Теарце, не им беше одобрен ниту еден проект, од колачот вреден 100 милиони евра наменети за локален развој за годинава. Градоначалникот на Теарце, Нухи Незири за МТВ вели дека не се откажува и сега лично, на рака, ќе ги доставел до Владата.
Владата одобри пари за финансирање инфраструктурни проекти во општините, при што најголемиот дел од нив ќе се трошат за изградба на патишта, канализациски системи и водоводи. Најмногу средства ќе добие Куманово и општините со албанско мнозинство, кои аплицираа со повеќе проекти. Куманово ќе добие 4 милиони евра за реализација на три проекти. Центар добива 1,5 милиони евра за реновирање на спортската сала „Работнички“.
Над 270 проекти од сите општини конкурирале на повикот за добивање пари за реализација на инфраструктурни проекти. Средствата се од државниот Буџет. Идната година на располагање ќе бидат ставени дополнителни 250 милиони евра обезбедени преку унгарскиот кредит.
Парите ќе се префрлат на сметките на општините во наредните денови, а потпишувањето на договорите со градоначалниците ќе се реализира веќе од следната недела.
Борис Грујоски
