Болести уништија 70% од родот кај овошките во источниот регион

18.07.2014 10:28

Пепелница и пламеница уништија речиси 70% од родот кај лозјата и овошките во источниот регион. Најпогодени се праските, кајсиите и крушите. Штетите допрва ќе се проценуваат. Бројот на осигурани овоштарници и лозови насади е минимален...

Во овоштарството и лозарството во источниот регион 70% од родот отиде. Болести, како резултат на обилните дождови и сонцето по нив, лозјата ги остави без грозје.

„Досега прскав пет пати но се е уништено. Лозар сум 40 години, вакво нешто гледам првпат“, вели Тоде Ефтимов, лозар од село Тркање, Кочанско.

Идентично лошо е и кај овошките. Најмногу на удар се праските, кајсиите, вишните, крушите и јаболките.

„Ги нападна младите фиданки, цветот, родните пупки. Практично родот е уништен уште при формирањето“, изјави Димче Младеновски, овоштар од село Црнилиште, Свети Николе.

Во последните 50 години ова е нејлошата година за овоштарите од овој регион. Дали и што може да се направи во овој период?!

„Она што можат да го направат е контрола и третман со превентивни и куративни пестициди против пламеницата и пепелницата. Иако е рано, сепак можна е појава на ботритис, поради што  исто така треба да се преземат мерки“, смета  Васко Златковски од Земјоделскиот факултет – Штип.

Во источниот регион, штети се забележани кај околу 1.500 хектари под лозови и овошни насади, од кои околу 580 хектари се овоштарници, а 960 лозја.

Сопствениците штетите допрва ќе ги проценуваат, но на помош можат да се надеваат само околу 5% од нив колку што имаат земјоделско осигурување.

 

Оливера Жежова